Top Sport

Сенегал и Јапонија останаа во игра со забавно реми (видео)

Сенегал и Јапонија по првичните победи на Мундијалот, одиграа интересен натпревар и го „поделија“ пленот со 2:2, со што и двете репрезентации останаа во игра за пласман во осминафиналето.

Пред вечерашниот дуел меѓу фаворитите кои беа поразени во првото коло, Колумбија и Полска, Сенегал и Јапонија имаат по четири поени на врвот на табелата. Сенегал е единствената африканска нација со шанси за пласман во осминафиналето покрај Нигерија, а Јапонија е единствената азиска нација со ваква шанса.

Во последното коло, Сенегал игра со Колумбија, додека Јапонците ја пречекуваат Полска.

Сенегал бргу стигна до водство, откако јапонскиот голман во 12. минута ја исфрли топката до ѕвездата на Ливерпул, Садио Мане и топката заврши во голот. Веднаш потоа, Сенегалците повторно се заканија преку Нијанг, но Кавашима беше сигурен на голот.

Јапонија немаше поголеми шанси во првиот половина час игра, но во 34. минута дојдоа до израмнување по одличната акција во која Нагатоме излезе на работ на шестнаесетникот и ја „остави“ топката на Инуи, кој со одличен удар израмни на 1:1. Сенегал до крајот на полувремето имаше уште една шанса, кога Нијанг истрча сам пред противничкиот гол, но Кавашима повторно добро реагираше.

Сенегалците имаа подобар старт на второто полувреме, откако се заканија двапати преку Нијанг, но „самураите“ вратија со одлична акција во 60. минута, кога Шибасаки му даде фантастична топка на Осако, кој сепак не успеа убаво да ја стигне топката. Во 64. минута, повторно „висеше“ голот на Сенегалците, кога Инуи ја погоди пречката.

И покрај овој притисок, Сенегал дојде во водство во 71. минута, по одличната акција на Сабали и Нијанг, по која Вагуе постигна одличен гол за 2:1.

Јапонија не се откажа, и само три минути откако влезе во игра, Кеисуке Хонда израмнува на 2:2.

Фото: ЕПА

Scroll to Top