Луис Хамилтон нема да биде казнет за носењето на контроверзната маичка по победата на ГП на Тоскана во неделата во Муџело, потврди ФИА, по што тој самиот преку Инстаграм порача дека нема да престане со своите гестови.
Шесткратниот светски шампион на Мерцедес, носеше маичка на која пишуваше „Уапсете ги полицајците кои ја убија Бреона Тејлор“, во знак на поддршка на Афро-Американката која беше убиена од полицијата која влета во нејзиниот дом. Ова доаѓа откако претходно Хамилтон ги критикуваше своите ривали во Ф1 дека не зборуваат доволно во поддршка на борбата против расизмот и за движењето „Black Lives Matter“, а неговиот тим во знак на поддршка го обои болидот во црно.
Дел од Ф1 фановите сметаа дека не е потребно да има политички објави во спортот, но дел го поддржаа дека ја користи шансата која има за добро.
„Сакам да ви кажам дека нема да сопрам, нема да се предадам да ја користам оваа платформа да фрлам светло на работите кои верувам дека се исправни. Ова е пат за сите нас, да бидеме заедно и да го предизвикаме светот за секое ниво на неправда, не само расна“, напиша Хамилтон на Инстаграм.