Луис Хамилтон се договорил да потпише нов договор со Мерцедес, со кој ќе заработува 40 милиони фунти годишно и ќе остане најплатениот британски спортист, тврди британскиот весник „Дејли мејл“.
Преговорите меѓу Мерцедес и 33-годишниот Хамилтон траат повеќе од една година, но сега четирикратниот шампион, конечно, се согласил на условите на тимот. Договорот ќе го обврзе Англичанецот да остане во Мерцедес до 2020 година, без опција за 2021, бидејќи договорите на сите тимови со сопствениците на спортот завршуваат таа 2020 и се очекуваат драстични промени, вклучувајќи ја можноста Мерцедес воопшто да не биде во Ф1.
Според „Дејли мејл“, договорот ќе биде објавен пред домашното Британско ГП на 8 јули, и се очекува да биде последен во кариерата на Хамилтон, кој ќе има 36 години во 2020, иако тој одамна изјави дека би сакал кариерата да ја заврши во Ферари.
Хамилтон се врати на лидерското место во генерален пласман во неделата со победа на Француското ГП, за да има 14 поени предност пред Себастијан Фетел во Ферари.
Фото: ЕПА