Каде што ја завршија 2017, таму ја почнаа 2018 – Луис Хамилтон ја освои пол-позицијата на Австралиското ГП, победувајќи ги двајцата возачи на Ферари и покажувајќи дека Мерцедес сериозно планира да ја одбрани титулата и оваа година.
Ова е седма пол-позиција во Мелбурн за четирикратниот светски шампион, со што го помина рекордот на неговиот идол, Аиртон Сена. Сите квалификациски сесии беа тесни со разлики од под една стотинка од секундата, но на крајот со супер-кругот Хамилтон беше за 0.6 секунди пред конкуренцијата.
Веднаш до Хамилтон ќе стартува Кими Раиконен во Ферари, пред колегата Себастијан Фетел, додека четврти беше Макс Ферстапен во Ред бул. Фантастичната форма на малиот американски Хас Ф1 тим беше потврдена откако петтото и шестото место беше резервирано за Кевин Магнусен и Роман Грожан, со што се најавува дека на почетокот на сезоната тимот кој постои само три години ќе се бори и за подиуми.
Седмото место го освои Нико Хилкенберг во фабричкото Рено, пред Даниел Рикјардо, кој ќе стартува најмалку од 12. место поради казната од три места која ја доби за петочните тренинзи, додека деветти беше вториот возач на Рено, Карлос Саинс јуниор. Валтери Ботас го „искрши“ својот Мерцедес и беше последен во третата квалификациска сесија.
?RED FLAG ? Q3
Heavy impact for Bottas at Turn 2#Quali #AusGP #F1 pic.twitter.com/yKgWbIfQW9
— Formula 1 (@F1) March 24, 2018
Најавите на Мекларен дека се меѓу топ 5 тимовите не се остварија откако Фернандо Алонсо и Штофел Фандорне не успеаја да влезат во последните квалификации и на крајот беа на 11. и 12. место. По нив следуваа Серхио Перез (Форс Индија), Ленс Строл (Вилијамс), Естебан Окон (Форс Индија), Брендон Хартли (Торо росо), Маркус Ериксон (Заубер), Шарл Леклер (Заубер), Сергеј Сироткин (Вилијамс) и Пјер Гасли (Торо росо).