Седумкратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон во интервју за „ВСЈ магазинот“ признава дека уште го мачи и го растажува тоа што во Формула 1 нема доволно разновидност и дека спортот останува „премногу бел“.
Од неговото деби во Ф1 во 2007 година како 22-годишник, Хамилтон има најмногу пол-позиции, победи и светски титули (каде што е израмнет со Михаел Шумахер). Но, 36-годишниот Британец вели дека неговото искуство со расизмот во Ф1 е разочарувачко, посебно бидејќи тој останува единствениот црн возач во спортот.
Хамилтон вели дека заедно со неговиот татко и поранешен агент Ентони, се надевал дека спортот ќе се трансформира како што направија Тајгер Вудс во голфот и сестрите Вилијамс во тенисот, но шампионската фотографија по крајот на 2019 го уверила дека не успеал.
„На фотографијата со тимот, јас бев единствениот кој не беше бел. Тука сум 14-15 години, како работите не се сменија? Навистина сум тажен поради тоа. Фрустриран и тажен“, вели Хамилтон.
По ова, студијата на Кралската академија за инженеринг утврди дека помалку од 1 отсто од вработените во Формула 1 не се белци. Заедно со шефот на Мерцедес, Тото Волф, Хамилтон ја почна кампањата за разновидост во спортот.
„Да не почневме, ништо немаше да се смени“, додава Хамилтон.