Top Sport

Хамилтон најбрз и најсреќен во азербејџанскиот хаос (видео) (ОБНОВЕНО)

Четирикратниот светски шампион Луис Хамилтон е победник на хаотичната Формула 1 трка покрај Каспиското Езеро во Баку, во трка со многу инциденти, пресврти и експлозија на гума на колегата на Хамилтон, Валтери Ботас, по што Британецот ја наследи победата на два круга пред крајот и сега е лидер во генерален пласман!

Победата, иако во хаотични услови, е фантастичен пресврт за Хамилтон, кој во првите три трки од сезоната беше победен прво двапати од Себастијан Фетел во Ферари, а потоа и од Даниел Рикјардо во Ред бул.

Хамилтон на крајот лесно стигна до победа пред Кими Раиконен, хаосот пред него го искористи Серхио Перез со подиум за Форс Индија, додека Фетел мораше да се задоволи со четвртото место.

Ова значи дека Хамилтон има 70 поени по четири трки, Фетел е втор со 66, а Раиконен на третото место со 48 поени, само осум повеќе од Ботас.

„Многу емоционална трка. Валтери ја заслужи победата, но и Себастијан, кој заврши одлична работа. Јас имав многу среќа денеска, така што е малку чудно по ваква трка да сум на првото место на подиумот“, признава Хамилтон.

Во поени уште беа и Карлос Саинс Јуниор (Рено), Шарл Леклер (Заубер), Фернандо Алонсо (Мекларен), Ленс Строл (Вилијамс), Штофел Фандорне (Мекларен) и Брендон Хартли (Торо росо).

Најмногу од сите треба да жалат во тимот на Ред бул, каде што поради погрешна проценка се судрија Рикјардо и Макс Ферстапен во финишот на трката, дозволувајќи му на Ботас да избие пред Себастијан Фетел и да го обезбеди првото место.

До ситуацијата дојде откако Ферстапен по влегувањето во боксот излезе пред колегата, и иако 20-годишниот Холанѓанец доби прекар „лудиот Макс“ овојпат вината беше на страната на неговиот поискусен австралиски колега. Стјуардите решија оценката да ја дадат по крајот на трката.

Фетел потоа направи еден хаотичен обид да го помине Финецот, кој не му успеа, и по погрешната проценка, на крајот заврши и зад колегата Раиконен.

До инцидентот на возачите на Ред бул, Фетел беше на пат до заслужена победа, пред среќата да му го сврти грбот и сега дури да заостанува четири поени зад Англичанецот.

Потоа следуваше и „катастрофата“ на Ботас, кој навистина може да жали за победата која веќе ја имаше в раце и секако ќе повлече многу прашања околу безбедноста на гумите на „Пирели“.

Фото: ЕПА

Рикјардо се удри во Ферстапен, двата Ред була во аут! (видео)

Scroll to Top