Top Sport

Хамилтон: Не посакував ваква победа

Возачот на Мерцедес Луис Хамилтон оствари контроверзна победа на Големата награда на Канада. Светскиот првак и лидер во генералниот пласман до победата стигна благодарение на казната што дирекцијата на трката му ја изрече на Себастијан Фетел.

Лавина од коментари и дискусии предизвика одлуката на дирекцијата на трката за Големата награда на Канада да го казнат Фетел со пет секунди. Германецот прв ја мина целта, но победата му припадна на Хамилтон.

Во 48 круг Фетел излета од патеката, а кога се врати на асфалтот на недозволен начин му ја „затвори вратата“ на Хамилтон, поради што ја доби казната.

„Ова не е начинот на кој сакав да победам. Но го натерав да направи грешка, а потоа малку недостигаше да се удриме. Ова е тажно, но такви се трките“, рекол Британецот и дополнил.

„Фетел вели дека неправедно загубил? Тоа е негово мислење. Возев нормално, како и секогаш, а кога се враќате на патеката не морате веднаш да влезете во линијата на движењето на останатите возачи“.

Хамилтон во Канада ја запиша петтата победа оваа сезона, вкупно 78 во кариерата. Бритенецот е лидер во вкупниот пласман со 162 бода, додека Фетел е трет со 100 бода.

Scroll to Top