Откако прво се изнасмеа кога Макс Ферстапен го нарече Нико Розберг „новиот Жак Вилнев“, Луис Хамилтон го нарече својот поранешен колега и поранешен пријател од детството „нерелевантен“.
Ферстапен му одговори на Розберг откако тој преку својот Јутјуб канал го критикуваше за трката во Белгија велејќи дека пак е „стариот Макс“.
„Не сум заинтересиран за тоа што тој кажува на својот канал. Мислам дека тој е новиот Жак Вилнев со своите бесмислени коментари за сите. Постојано сака да има некое контроверзно мислење. Можеби сака да има повеќе гледачи на каналот и да заработи пари, нели? Да останеше возач ќе заработеше многу повеќе“, изјави Ферстапен за холандскиот весник „Де телеграф“.
Хамилтон го сподели ова интервју на Ферстапен на социјалните мрежи, а сега пред Италијанското ГП даде и своја изјава за Розберг.
„Искрено, не размислувам многу за него. Тоа со Макс беше многу смешно, но Макс има одлична смисла за хумор. Интересно е бидејќи знаеме како е – сите возачи биле критикувани од јавноста. Некои од тие возачи стануваат нерелевантни кога ќе се повлечат и мораат да ги користат другите луѓе да добијат внимание. Но, таков е овој спорт“, вели Хамилтон.