Top Sport

Хамилтон: Ниту еден тим не треба да доминира долго време во Ф1

Откако самиот освои шест од своите седум светски титули во период на доминација на Мерцедес, Луис Хамилтон вели дека ниту еден тим во Ф1 не треба да има шанса да доминира долг период.

Од префрлањето на В6 турбо-хибридни мотори во Формула 1 во 2014 година, само два тима освојуваат титули, и само еднаш, во контроверзната 2021 сезона, имаше тесна битка за титулата. Претходно Мерцедес освоија седум двојни титули во низа, шест со Хамилтон и една со Нико Розберг, а Ред бул направија еден од најдоминантните Ф1 болиди по воведувањето на новите технички правила минатата година.

Ред бул е непоразен во 2023, а Макс Ферстапен има осум победи во низа за да направи предност од 125 поени во генерален пласман пред својот колега Серхио Перез.

„Ако продолжиме вака, тогаш можеби Ферари ќе доминираат следните неколку години, или можеби Мекларен и не сум сигурен дека тоа е најдоброто нешто за фановите. Не треба да постои шанса да се доминира толку години и борбата за врвот треба да е потесна. За жал, речиси сигурно е дека Ред бул ќе доминира и во следните три сезони“, вели Хамилтон.

Scroll to Top