Седумкратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон, вели дека неговиот актуелен Мерцедес В13 е блиску да го надмине Мекларен МП4/24 од 2009 година како најлош болид кој го возел во својата блескава и долга кариера.
Третото место во Бахреин и четвртото во Австралија не покажаа јасно во колку големи проблеми се Мерцедес, пред во Имола овој викенд двата болиди на тимот да не влезат во третата квалификациска сесија првпат од Јапонското ГП во 2012. Хамилтон стартуваше како 13. на вчерашната спринтерска трка во Имола, и заврши како 14. и не штедеше зборови за својот тим.
„Има луѓе кои гледаат Ф1 и велат дека никогаш не сум имал толку лош болид, но можам да ве уверам дека не е така. Болидот од 2009 беше убедливо најлошиот болид кој сум го имал, иако и овој болид е многу блиску. Сепак, верувам дека има потенцијал да се направи нешто оваа сезона, да се поправат недостатоците и да се кренеме. Тоа што нема да не убие, само ќе не направи посилни на некој начин“, вели Хамилтон.