Светскиот шампион во Ф1, Луис Хамилтон вели дека следната година ќе биде „поинаков спортист“, откако новите правила ќе му дозволат да биде малку потежок.
Од 2019 година, во Ф1 ќе се одреди минимална тежина за возачите (се верува дека ќе биде 80 килограми), наместо да се пресметува тежината на болидот заедно со возачот. Желбата е со ова да се намали „хендикепот“ на повисоките и потешките возачи, кои обично одат на строги диети за да ја намалат тежината.
Хамилтон, кој од мината сезона е на вегетеријанска исхрана, вели дека е презадоволен од тоа што ќе може да работи на своето тело во текот на зимата.
„Следената година ќе бидам навистина поинаков спортист и едвај го чекам тоа. Нема да ја сменам исхраната, но ќе јадам повеќе. Мојата идеална тежина е малку повисока од таа што ја имам сега, и сите возачи, посебно повисоките, имаат голем притисок да останат слаби, што може да е нездраво. Ќе јадам и ќе се вратам малку потежок и многу посилен“, вели Хамилтон.