Шефот на Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер вели дека е екстремно лесно да го нервира неговиот ривал од Мерцедес, Тото Волф, и додава дека никогаш нема да бидат вистински пријатели.
Во Формула 1 е тешко да станеш пријател со најголемите ривали, а Хорнер и Волф беа посебно остри во 2021 година, кога Макс Ферстапен и Луис Хамилтон имаа епска битка за титулата. Тогаш контроверзните одлуки на последната трка во Абу Даби ја донесоа титулата за Ферстапен, а Ред бул оттогаш доминира во спортот.
„Тоа е дел од спортот, од натпреварувачкиот дух, но многу е лесно да го нервираш. Тој дел од ривалството е интересен и потребен. Ова не е забава, туку сме тука да се натпреваруваме, да победуваме и секој член на тимот знае што значи тоа за сите нас. Тие секогаш сакаат да не победат, и ние секогаш сакаме да ги победиме, и иако мора да има респект, нема да има никакво лажно пријателство. Нереално е да се очекува тоа. Покрај тоа, не сум сигурен дека Тото е личност која оди по пабови“, вели Хорнер.
И покрај ова, Хорнер признава дека има огромна почит кон возачот на Волф, Хамилтон поради неговите успеси на патеката и надвор од неа.
„Огромен респект кон Луис. Тоа што го оствари тој никој не го повтори. Покрај тоа, тој е и човек за респект и надвор од патеката, со неговата работа за еднаквост. Луис е фантастичен амбасадор за Ф1“, додава Хорнер.