Ферари би можеле да се откажат од Формула 1 по сезоната 2020 доколку новите сопственици на спортот ја однесат Ф1 во различен правец од интересите на италијанскиот тим, предупреди претседателот на Ферари, Серџо Маркионе.
Тој посочи дека иако тие го подржуваат намалувањето на трошоците во спортот, има некои стратешки прашања за кои се разговара во моментов, кои можат да ја натераат Скудерија да бара друга алтернатива.
„Формула 1 беше дел од нашата ДНК од денот кога сме родени. Но, ако го менуваме игралиштето до момент во кој ќе биде друго непрепознатливо игралиште, нормално дека нема да сакаме да се играме“, вели Маркионе.
Запрашан како би се чувствувал да биде извршниот директор кој го извадил Ферари од Формула 1, Канаѓанецот со италијанско потекло беше искрен.
„Како милион долари, бидејќи ќе работам на алтернатива за тимот. Некоја порационална алтернатива“, вели Маркионе.
Ферари се единствениот тим кој е во Формула 1 од првиот шампионат во 1950 година и се најуспешниот тим со најмногу навивачи, иако немаат титула од 2008 година. Во историјата тие имаат рекордни 228 победи, 16 титули кај конструкторите и 15 кај возачите. Ферари оваа година ја слави 70-годишнината.
Ф1 од друга страна има нов сопственик од јануари, американската компанија „Либерти медија“, која откако ја презеде контролата го отпушти долгогодишниот шеф на спортот, Берни Еклстоун. Американците ветуваат поеднакво тркање во спортот, намалување на трошоците и повеќе трки по крајот на сегашните договори на тимовите во 2020.
Во вторникот ФИА заедно со „Либерти медија“ ги објави деталите околу предлогот на нов, поевтин и побучен мотор, а „Стратешката група“ на спортот ќе се сретне во вторник за да разгледа други предлози.
„Либерти имаат неколку добри намери, една од кои е намалувањето на трошоците во спортот. Но, ние не сме на истата страна околу стратешкиот развој на Ф1. Мора да бидеме јасни дека ако нема вистински услови кои се добри за нашиот бренд и засилувањето на уникатната позиција на Ферари, ние нема да учествуваме“, додава Маркионе.