Top Sport

Имола побара да ја добие откажаната кинеска трка

Славната патека во Имола официјално аплицираше да го замени Кинеското ГП на овогодишниот календар од Формула 1 шампионатот, откако трката во Шангај беше откажана поради ситуацијата со корона вирусот. Официјално, трката беше „одложена“ со надеж дека ќе може да се презакаже понатаму во сезоната.

Со ова одложување, има пауза од месец дена помеѓу првото Виетнамско ГП и трката во Холандија, и Имола официјално го бара тоа место.

„Поднесовме апликација до ФИА и Ф1 за да го замениме Кинеското ГП, но уште немаме одговор“, вели директорот на патеката во Имола, Роберто Мараци.

За да се добие зелено светло за трка на Имола ќе биде потребна дозвола од Ф1, ФИА, од сите 10 тимови, но и од другите организатори на трката. Формула 1 последен пат имаше трка на Имола во 2006 година како Сан Марино ГП.

Scroll to Top