Италијанските медиуми, нормално не се задоволни од уште една Ф1 трка без победа за Ферари, и поголемиот дел од нив бараат 21-годишниот Шарл Леклер да го замени Себастијан Фетел како лидер на тимот по трите 1-2 победи на Мерцедес во првите три трки од сезоната.
Шефот на Ферари, Матија Биното и пред сезоната најави дека Фетел ќе има „приоритет“ на стартот на сезоната, што уште еднаш се покажа на неделното Кинеско ГП кога тимот му нареди на Леклер да го пропушти Фетел за борбата со Мерцедес, која на крајот не се реализираше.
„Веќе е време Ферари конечно да сфатат дека го ангажираа вистинскиот човек, и тоа е Шарл Леклер. Капитенската лента од Маранело треба да се земе од Фетел и да му се даде на Леклер“, стои во коментарот во „Кориере дела сера“.
Во „Газета дело спорт“ се согласуваат: „Овие контроверзи околу тимските наредби се со секундарно значење во однос на главната тема – во Кина Ферари не беше доволно брз, а Мерцедес има три победи од три. Леклер мора да добие шанса“.