Канадското ГП стана деветтата Ф1 трка од сезоната 2020 која е одложена или откажана, фрлајќи уште еден сомнеж на тоа како ќе изгледа овогодишната сезона и дали воопшто ќе ја има.
Трката на патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал требаше да се оддржи на 14 јуни, но организаторите објавија дека било потребно да се донесе предвремена одлука поради времето кое е потребно уличната трка да се подготви. Организаторите тврдат дека ќе се обиде да се најде летен термин за трката.
Формула 1 шампионатот мора да се состои барем од осум шампионски трки за да се смета како Светски шампионат. Следна трка која е на календарот е Француското ГП на 26 јуни, но поради мерките за самоизолација во Франција, тешко е да се верува дека оваа трка ќе биде следната. По ова, следува Австриското ГП на 5 јули на „Ред бул ринг“, а бидејќи Австрија најави дека од следната недела полека ќе ги напушта мерките за ограничување на движењето, се дава оптимизам дека барем таа трка нема да биде одложена.