Заштитната кацига која ја носеше возачот на Ферари, Шарл Леклер на неговата домашна трка во Монако се продаде за рекордни 306.000 евра во добротворна акција за собирање средства за жртвите од поплавата во областа Емилија-Ромања во Италија.
Аукциската куќа РМ Сотби потврди дека ова е најскапата кацига продадена досега, поминувајќи го рекордот на кацигата на трикратниот светски шампион Аиртон Сена од 1990, која во 2019 година беше продадена за 162.000 евра. Тркачкото одело на Леклер се продаде за 61.200 евра, неговите обувки за 20.400 евра, а неговите ракавици за 42.000 евра, за вкупната аукција да собере 429.600 евра.
Во поплавата во италијанскиот регион во мај по силните дождови починаа 15 луѓе, а домашната трка на Ферари, ГП на Емилија-Ромања на патеката Имола беше откажана.