Трката за Големата награда на Кина, која требаше да се вози на 19 април е одложена поради епидемијата на коронавирусот, потврдија од Формула 1.
Градските власти на Шангај препорачаа одложување на сите спортски настани и манифестации, а по најновиот извештај на Светската здравствена организација во кој стои дека од оваа болест во Кина починале повеќе од 1.000 луѓе, ФИА и Формула 1 решиле да ја одложат трката.
Одлуката е донесена за да биде заштитено здравјето и безбедноста на возачите, членовите на тимовите и навивачите.
„Големата награда на Кина секогаш била важен дел од нашиот календар. Навивачите таму се неверојатни. Се надеваме дека трката ќе биде одржана што е можно поскоро. На сите во Кина им посакуваме се најдобро во овој тежок период“, се наведува во соопштението.
ФИА и Формула 1 ќе г продолжат преговорите со тимовите, организаторот и градските власти околу новиот датум во кој би била одржана трката.