Top Sport

Критики за Нелсон Пике откако го нарече Хамилтон „црнче“

Трикратниот Ф1 шампион, Бразилецот Нелсон Пике беше осуден од Формула 1 шампионатот и од повеќе сегашни и поранешни возачи, откако го именуваше седумкратниот шампион Луис Хамилтон како „мало црнче“ во интервју од ноември, кое неочекувано стана главна тема пред Британското ГП.

Пике, чија ќерка Кели е во врска со лутиот ривал на Хамилтон, Макс Ферстапен во Ред бул, во интервјуто зборува за контроверното Британско ГП, кога Хамилтон го истурка Ферстапен од патеката во експлозивниот прв круг. Во Ред бул беа бесни што Хамилтон помина со лесна казна и во интервјуто, Пике го именува возачот на Мерцедес како „neguinho“, или мало црнче, термин кој во минатото во Бразил ја немал расистичка конотација.

„Црнчето го постави болидот на погрешен начин и не дозволи другите да свртат. Црнчето влезе лошо на кривината, која е многу опасна и нема шанса да поминат два болиди. Му направи лошо на Ферстапен. Негова среќа што другиот излета“, вели Пике во интервјуто.

Откако Ф1 шампионатот јавно го осуди јазикот кој се користи, а Хамилтон побара „акција“ бидејќи е дојдено време.

„Се работи за повеќе од обичен јазик. Овие архаични менталитети мора да се сменат и нема место за нив во нашиот спорт. Опкружен сум со ваков однос и мета сум цел живот. Имаше доста време за учење. Сега е време за акции“, напиша Хамилтон на Твитер.

Интересно, минатиот месец, Хамилтон стана почесен граѓанин на Бразил со одлука на бразилскиот парламент, откако цела кариера признаваше дека Аиртон Сена е неговиот најголем Ф1 идол.

Scroll to Top