Според „Ф1 Хаб“, Данил Квјат имал неславен крај на кариерата како возач на Торо росо, откако бил „исфрлен“ од боксот по состанокот со советникот на Ред бул, Хелмут Марко на Американското ГП.
Торо росо во понеделникот потврдија дека Пјер Гасли ќе го замени Квјат до крајот на сезоната, а покрај него ќе вози Новозеланѓанецот Брендон Хартли, додека Русинот Квјат веќе нема да вози со Торо росо.
На Квјат оваа одлука му била соопштена во неделата попладне по трката во Остин, и за веста да остане „тајна“, тој бил буквало „избркан“ од боксот на Торо росо без шанса да се прости со механичарите и инжинерите на тимот со кој работеше од 2014 година.
„Марко решил уште пред Америка дека Дени нема да работи веќе со Торо росо, но тоа не му беше кажано пред трката. Откако Дени ја даде изјавата за јавноста по освоеното 10. место, тој беше повикан во канцеларијата на Марко и му беше кажано дека кариерата со Торо росо завршува тука. Исто така му беше порачано да се собере што е можно побргу и да си замине. Тој беше буквало исфрлен од тимот“, вели извор од тимот на Торо росо.