Top Sport

Латвала победи во Австралија, Ожие со нова ВРЦ титула

Возачот на Тојота, Јари-Мати Латвала триумфираше на последната трка од рели ВРЦ шампионатот, Австралиското рели, но по излетувањата на Тјери Нојвил и От Танак, францускиот „доминатор“ Себастиен Ожие (М-Спорт Форд) ја запечати својата шеста светска титула.

Финецот Латвала влезе на последниот ден од релито знаејќи дека најверојатно ќе мора да го препушти првото место на колегата Танак, кој се бореше за светската титула, но Естонецот се откажа на претпоследната етапа, за Латвала првпат да ја освои трката во Австралија.

Ова исто така значеше дека Ожие во својата последна сезона со М-Спорт тимот пред трансферот во Ситроен ја освојува титулата, откако Тјери Нојвил излета уште на првата етапа во неделата. На крајот, Латвала стигна до победата со 32 секунди предност пред Хајден Педон од Хјундаи и возачот на Ситроен, Мадс Остберг. Мала утеха за Тојота беше титулата кај конструкторите обезбедена со четвртото место на Есапека Лапи.

Ожие, кој имаше внимателно рели, на крајот ја освои пауер-етапата и петтото место во Австралија.

„Горд сум со тоа што успеавме со мојот тим, кој покажа дека е најдобар под притисок. Имавме фантастично време заедно и уживав во последниот обид со овој автомобил“, вели Ожие.

Фото: ЕПА

Scroll to Top