Top Sport

Легендата Кими Раиконен заминува во пензија на крајот на сезоната

Последниот шампион на Ферари, Финецот Кими Раиконен потврди дека ќе се повлече од Формула 1 на крајот на сезоната, оставајќи пат Валтери Ботас да го замени во Алфа Ромео, а Џорџ Расел да се пресели во Мерцедес.

41-годишниот Раиконен ја освои светската титула во 2007 година, и ја вози својата 19-та сезона во Формула 1, спорт во кој е рекордер по тоа што стартувал дури 341 трка. Неговата одлука ќе направи „карамбол“ во спортот, бидејќи се верува дека Мерцедес веќе го избрале Расел како партнер на Луис Хамилтон.

„Тоа е тоа! Ова ќе биде мојата последна сезона во Формула 1. Ова е одлука која ја направив минатата зима. Не е лесно, но по оваа сезона е време за други работи. Иако сезоната уште трае, сакам да се заблагодарам на моето сеемејство, на сите тимови, на сите кои беа вклучени во мојата кариера, и посебно на сите фанови кои навиваа за мене овие години. Формула 1 завршува за мене, но има многу повеќе работи во животот кои сакам да ги искусам. Ќе се видиме! Искрено, Кими“, напиша Финецот на Инстаграм.

Раиконен дебитираше со Заубер во 2001 година, пред да се пресели во Мекларен следната сезона, каде што го доби прекарот „Ајсмен“ поради неговиот карактер. Во 2007 година тој се пресели во Ферари и ја освои титулата. По две тешкио сезони, тој во 2009 година си замина од спортот за да вози во рели ВРЦ шампионатот и во НАСКАР. Кими се врати во Ф1 во 2012 со Лотус (сегашните Рено), за да се врати во Ферари во 2014. Последната од своите 21. победи ги оствари на Американското ГП во 2018 година, пред во 2019 да замине во Алфа Ромео, всушност преименуваниот тим на Заубер, со кој ја почна кариерата.

Scroll to Top