Top Sport

Леклер не ја сфаќа „не-фер“ стратегијата на Ферари

Шарл Леклер смета дека Ферари имале „не-фер стратегија“ која не му дозволила да се бори за првото место со својот колега Себастијан Фетел на Сингапур ГП трката.

Иако обично лидерите на трката први влегуваат во бокс, во Сингапур, Ферари решија да го повикаат Фетел од третото место во 21. круг, по што неговиот колега Леклер влезе во боксот следниот круг. Фетел имаше доволно брзина за да го искористи ова и по три излегувања на безбедносното возило ја оствари првата победа од Спа 2018.

Леклер преку радиото го кажа своето мислење.

„Мојата глава е долу и ќе биде до крајот на трката, но сакав да ви ги кажам моите чувства. Да бидам искрен, не ја сфаќам тактиката. Ќе разговараме по трката“, порача преку радиото.

По трката, тој додаде дека резултатот е тежок за прифаќање.

„Очигледно, не е убаво да се загуби трка така, но на крајот беше 1-2 победа, така што сум среќен за тоа. Понекогаш оди и вака, но ќе се вратам посилен“, изјави Леклер.

Самиот Фетел пак, потврди дека тимот ја направил одлуката тој да влезе прв во боксот и додаде дека и тој самиот бил изненаден што излегол пред Леклер.

Фетел предводеше 1-2 триумф на Ферари во Сингапур, нема подиум за Мерцедес!

Scroll to Top