Тинејџерката Маја Веуг е првата жена која се приклучува на Возачката академија на Ферари, откако победи во иницијативата на ФИА за пронаоѓање на новиот возачки талент помеѓу 12 и 16 години.
16-годишната Холанѓанка/Белгијка во 2021 година ќе вози во Формула 4 со целосна поддршка на Ферари, откако беше избрана од 20 кандидатки по тридневниот картинг-камп на патеката Пол Рикар во Франција.
Веуг, која живее во Шпанија, го дели истото потекло како Макс Ферстапен – нејзиниот татко е Холанѓанец, а нејзината мајка Белгијка.
„Немам зборови за да го опишам тоа што го чувствувам, бидејќи ова беше мојот сон од времето кога почнав со картинг. Вистинска чест е да се биде дел од Академијата на Ферари и се надевам дека ќе ги направам горди“, изјави Веуг.
Преку Академијата на Ферари (ФДА) претходно поминаа повеќе Формула 1 возачи, како Шарл Леклер, Ленс Строл, Антонио Џовинаци, Мик Шумахер и покојниот Жил Бјанки.