Top Sport

Маркионе си заминува од Ферари поради здравствени причини

Серџо Маркионе веќе не е претседател и генерален директор на Ферари, по влошувањето на неговата здравствена состојба по операција.

Ферари го именуваше Џон Елкан како негов наследник на позицијата претседател на најстариот и најуспешниот Ф1 тим, додека на акционерите им е предложено Луис Камилери, поранешен претседател на „Филип Морис“ да биде нов генерален директор на тимот.

„Бордот на директори на Ферари со тага дозна дека претседателот Серџо Маркионе нема да може да се врати на својата работа. Нашите мисли се со неговото семејство и сите сме благодарни за придонесот кој го направи на челото на Скудерија. Џон Елкан е нашиот нов претседател, а Луис Камилери е предлогот за нов генерален директор“, се вели во соопштението на Ферари.

66-годишниот Маркионе, кој исто така е сменет од позицијата на претседател на Фиат-Крајслер, го смени Лука ди Монтеѕемоло по повеќе од 20 години на чело на Ферари во 2014 година. Ди Монтеѕемоло по слабите 1990-ти го водеше тимот во најуспешниот период во историјата, освојувајќи пет титули во низа со Михаел Шумахер од 2000 до 2004 година.

Канаѓанецот со италијанско потекло, Маркионе беше еден од клучните луѓе на бизнис-страната на Ф1, формирајќи алијанса со Мерцедес во обид да ги примораат новите сопственици „Либерти медија“ да ги прифатат нивните предлози за периодот по 2021 година.

Scroll to Top