Рускиот дебитант во Формула 1, Никита Мазепин, вели дека во неделата пред Шпанското ГП на патеката Каталуња клечел за жртвите од Втората светска војна, а не за Black Lives Matter, на 76-годишнината од Денот на победа над фашизмот на 9 мај 1945 година.
Во Русија ова се прославува како еден од најголемите национални празници, со голем број на паради низ сите градови, и Мазепин, кој нема најдобра форма со тимот на Хас во првите четири трки од сезоната, на Инстаграм откри зошто го направил овој гест.
„Пред трката решив да клечам за да покажам почит кон тие кои ги загубија своите животи пред 76 години во големата татковинска војна“, напиша 22-годишниот Русин.
Тој подоцна за руските медиуми изјави дека Втората светска војна имала огромно влијание за неговото семејство.
„Тоа беше еден гест од моја страна. Мислам дека е важно да се даде почит на речиси 30 милиони луѓе кои ги загубија своите животи. Моите баби и дедовци беа дел од таа војна и беа во концетрациони логори. Затоа ова е важен ден за мене и моето семејство“, изјави Мазепин.