Руската компанија „Уралкали“ побара целосно враќање на спонзорските пари кои ги дадоа на американскиот Ф1 тим Хас, откако тие ја прекинаа соработката пред стартот на сезоната поради руско-украинската војна, и во исто време му го одземаа местото на Никита Мазепин.
Хас ја прекинаа соработката со компанијата на рускиот милијардер Дмитриј Мазепин и во исто време му го раскинаа договорот на неговиот син, иако ФИА не им забрани на руските возачи да настапуваат во нивните натпреварувања. „Уралкали“ сега бара враќање на парите.
„Компанијата смета дека одлуката на тимот е неразумна и смета дека спортот треба да биде ослободен од политиката и од притисокот од надворешни фактори. Ние ги исплативме сите средства за сезоната 2022 и бидејќи го раскинаа договорот пред првата трка, обврските не се исполнети и бараме враќање на сумата од Хас“, се вели во објавата.
Мазепин, пак, ќе формира фондација „Се натпреваруваме како едно“, која ќе помага на спортистите кои се блокирани од настапи поради „политички причини“ и сака парите кои ги дал на Хас да отидат во фондацијата.
Хас, засега, не коментираат за барањето на Русите.