Новата лоша сезона за еднаш славниот тим на Мекларен станува уште побизарна, откако британскиот таблоид „Дејли мејл“ тврди дека бил контактиран од анонимни членови на тимот кои тврдат дека добивале чоколадца од 25 пени како награда за својата работа.
Мекларен, официјално вториот најуспешен тим во историјата на Ф1, се надеваше дека оваа сезона ќе има многу подобра сезона откако го прекинаа партнерството со Хонда и почнаа да користат мотори на Рено. Според „Дејли мејл“, атмосферата во тимот е „токсична“.
„Работиме, се потиме, и добиваме ’Фредо’ од 25 пени. Тоа само покажува колку се безидејни. По трката во Канада ни кажаа дека знаат што е проблемот со болидот, но не и како да го поправат. Не прашуваат нас, а тие земаат плати од по шест цифри. Има четири недопирливи во тимот – тркачкиот директор Ерик Булие, главниот инженер Мет Морис, извршниот директор Сајмон Робертс, и главниот оперативен директор Дејвид Пробин. Никој нема почит кон нив. Атмосферата е токсична. Сакаме на штрајк, но луѓето се плашат за својата работа“, вели анонимниот член на тимот за „Дејли мејл“.
Последната од 182. победи на Мекларен се случи на Бразилското ГП во 2012 година. Оваа вест доаѓа по наводниот контакт кој членовите на тимот го имале со поранешниот шеф на тимот Мартин Витмарш. Мекларен официјално одговори на приказната на „Дејли мејл“.
„Мекларен ги има најлојаните вработени во целата мотоспорт индустрија. Околу чоколадата… Лидерите на тимот ги наградуваат своите вработени со спонтани и забавни подароци кога сметаат дека тоа е потребно. Ова е таков случај, кој се случува секојдневно“, велат од Мекларен.