Top Sport

Мекларен потврдија дека Рикардо заминува од тимот на крајот на сезоната

По голем број на шпекулации цела сезона, Мекларен потврдија дека ќе се разделат со својот возач, Даниел Рикардо на крајот на сезоната, отварајќи простор за договор со Оскар Пјастри.

И покрај тоа што двете страни признаа дека се разочарани од перформансите на болидот, но и на возачот во неговата втора сезона во англискиот клуб, од Мекларен претходно постојано демантираа дека ќе се разделат со Австралиецот и посочуваа дека тој има договор до крајот на 2023 година.

„Беше привилегија да се биде дел од тркачкото семејство Мекларен последните две сезони, но по неколку месеци разговори со Зек Браун и Андреас Сајдл, решивме да го раскинеме договорот на крајот на сезоната“, вели Рикардо.

Неговиот помлад сонародник, 21-годишниот Пјастри, пак, беше вклучен во интересна борба за неговиот потпис помеѓу Алпин и Мекларен. По одлуката на Фернандо Алонсо да замине од Алпин во Астон Мартин, Алпин објавија дека нивниот резервен возач Пјастри ќе вози за нив во 2023, но неколку часа потоа тој го демантираше тоа. Сега, најверојатно Рикардо ќе го добие местото во Алпин (поранешните Рено), тимот за кој возеше две сезони пред во 2021 да дојде во Мекларен.

Scroll to Top