Новиот документарен филм на „Амазон“ околу Формула 1 тимот на Мекларен открива дека во тимот имало стравувања дека Фернандо Алонсо ќе се повлече пред сезоната 2017, а тимот да доживее целосен „колапс“.
Серијата „ГП возач“, со Мајкл Даглас како наратор, ќе биде објавена на „Амазон прајм“ на 9 февруари, и во четири епизоди се разгледуваат подготовките на Мекларен пред тешката 2017 со кулминација на катастрофалниот прв тест во Барселона, кога стана јасно колку заостанува Хонда зад ривалите.
Состанокот на тркачкиот директор Ерик Булие и генералниот директор, Џонатан Нил ја покажува дискусијата по тестот, и Французинот Булие стравува дека Алонсо ќе замине од закажаната вечера со него.
„Ќе каже: ‘Знаете што момци? Чао бело’. Нема да остане. Сигурен сум дека нема да остане со нас“, му вели Булие на Нил.
Подоцна пред камера, Булие го објаснува стравот.
„По овој тест, Фернандо е навистина лут. Јасно кажува дека мора да размисли за својата позиција бидејќи вака нема да преживее уште една година. Мојот најголем страв е колапс на тимот. Во овој бизнис кога сте слаби, имате мета на грбот. Да се гради Ф1 тим е потребно долго време, но можете да го убиете за шест месеци“, изјавува Булие.
Сепак, Алонсо остана, ги „убеди“ шефовите да ја сменат Хонда со Рено, и најавува борба за победи во новата сезона.