Формула 1 не би била Формула 1 без контроверзи околу тоа што е легално, а што не, а последен таков случај е „трикот“ на системот за управување на шампионите Мерцедес.
Снимките од тестирањето со Луис Хамилтон, покажуваат дека шампионот го движи воланот напред назад – кон него на долгиот рамен дел, а подалеку од него на крајот на рамниот дел. Со придвижувањето на воланот, се менува позицијата на предните гуми, така што се работи за систем со двојна оска (ДАС), со кој ќе се добива предност со трошењето на гумите, управувањето на болидот во кривините и помала реактивна сила на рамниот дел.
En este vídeo de @f1 se ve perfectamente como Hamilton mueve el volante hacia él y lo aleja antes y después de la frenada. Solo puedo pensar que también mueve la cremallera de dirección y con eso cambia el reglaje de convergencia (toe) de la suspensión. Si es así, es bestial. pic.twitter.com/86qaA0QcA1
— Albert Fabrega (@AlbertFabrega) February 20, 2020
Техничкиот шеф на Мерцедес, Џејмс Елисон вели дека тие не се загрижени, бидејќи ФИА дала зелено светло за технологијата.
„Тоа не е новост за ФИА, бидејќи зборувавме со нив подолго време. Правилата се јасни за тоа што е дозволено на системот на управување и мислам дека ние целосно ги исполнуваме. Со ова се добива дополнителна димензија на управувањето за возачот и мислам дека ќе биде корисно во текот на сезоната. Но, прецизно за тоа како го користиме и зошто, тоа ќе го заддржиме како тајна“, вели Елисон.
Ривалите не се толку убедени во легалноста на системот. Советникот на Ред бул, Хелмут Марко вели дека ваков систем е јасно забранет.
„Ако активно го поместувате аголот со кој се поставени гумите, се менува контактната површина. Височината на болидот исто така се менува, иако се работи за мала разлика, што е забрането. Ова е слично со методот на забранетата активна суспензија“, вели Марко.
Возачот на Ферари, Себастијан Фетел, пак, верува дека најверојатно системот е легален, бидејќи во спротивност нема причина Мерцедес да го поставуваат на болидот.
„Воланот на Мерцедес? Го видов и малку е чуден, но бидејќи го користат најверојатно е легален. Не верувам дека е лесно за возачот да го користи, но ќе видиме. Ова е ново за сите. Дали ќе го имаме и ние на Ферари? Не верувам дека е едноставно да го копираме“, додава Фетел.