Top Sport

Мото ГП легендата Маркез сака да го повтори камбекот на Надал

Шесткратниот Мото ГП шампион, Марк Маркез вели дека добил инспирација од „сценариото од соништата“ на сонародникот Рафаел Надал со камбекот од повредите пред тестирањето пред новата сезона во Сепанг по две сезони одбележани со повреда.

Маркез ја пропушти цела 2020 и првите неколку трки од минатата сезона поради сериозна повреда на десната рака, по која беше на повеќе операции. Покрај тоа, 28-годишниот Шпанец на крајот на октомври по судир во офроуд трка страдаше од проблеми со очите, пропуштајќи ги последните две трки од сезоната и тестирањето во Херез во декември.

„Мислам дека Рафа Надал е инспирација за сите, без разлика дали се спортисти. Да се вратиш по повредите, кога сите сметаат дека си готов и на 35 години да победиш против светскиот број 2, Данил Медведев? Тоа е сценарио од соништата кое и јас ќе се обидам да го направам. Во секој спорт се менуваат генерациите, и знаеш дека мораш постојано да одиш понатаму на следно ниво. На 28 години се чувствувам млад, но веќе сум еден од најискусните“, вели Маркез.

Главен противник за титулата во 2022 ќе му биде 22-годишниот француски возач на Јамаха, Фабио Квартаро.

„Се надевам дека ќе го добијам тој дуел, бидејќи тоа ќе значи дека имам шанси по две години проблеми. Нема да биде дуел, туку битка на повеќе возачи. Фабио беше шампион и го заслужи тоа, но Пеко Бањаја ја заврши сезоната како најбрз возач со Дукати. Јас сигурно не сум фаворит“, вели Маркез.

Scroll to Top