На денешен ден во 2006 година, во Монако се оддржаа најдраматичните квалификации за славната трка, кога Михаел Шумахер беше наречен „супер-злосторник“ по „паркирањето“ на кривината Раскас и оневозможувањето на Фернандо Алонсо да го комплетира својот најбрз круг.
Германецот дотогаш имаше поставено најбрзо време, но пол-позицијата беше далеку од сигурна, откако Алонсо во Рено, по три победи и две втори места, беше само 0.064 секунди зад него. Пред претпоследната секција на патеката, Шумахер се изврте на кривината Красас и се паркираше оневозможувајќи тие зад него да го комплетираат кругот.
Шуми се правдаше дека направил грешка и не знаел каде ќе заврши, но ривалите (со право) не му веруваа.
„Бидејќи не сме Снежана и седумте џуџиња, сите знаеме дека тоа што го направи е неспортски“, изјави шефот на Рено, Флавио Бријаторе.
Стјуардите се согласија и му ја одземаа пол-позицијата и го пратија на последното место. Алонсо, на крајот, стигна до лесна победа пред Хуан Пабло Монтоја во Мекларен и Дејвид Култард за прв подиум на тогаш новиот тим на Ред бул рејсинг.
Шумахер врати во стил, со петто место во трката и не беше многу загрижен за контроверзите.
„Што и да направите во одреден момент, вашите непријатели мислат нешто друго, а тие кои навиваат за тебе имаат поинакво мислење. Но, тоа е светот во кој живееме“, изјави Шумахер.