Top Sport

На Ферстапен му било досадно, му велеле да успори

Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер вели дека Макс Ферстапен бил толку доминантен на трката во Мексико, што му станало досадно и тие морале да го убедуваат да успори.

Ферстапен го презеде водството од носителот на пол-позицијата Себастијан Фетел на првата кривина, и оттогаш немаше проблеми, додека зад него Луис Хамилтон и Фетел се судрија и мораа да се враќаат од ниските позиции.

Најголемата грижа на Ред бул бил потенцијален проблем со моторот, бидејќи Рено, како и другите производители на мотори се мачеа со ладењето на моторот на високата надморска височина.

„Најголемиот предизвик беше тој да успори, а не да забрза, што беше навистина необично. Мислам дека му стана досадно на моменти. Ние му викавме да успори, а тој беше исфрустриран што не можеше да го направи тоа. Го сака тркањето и тоа е тоа“, вели Хорнер.

Во еден момент од трката, Ферстапен зборуваше преку радиото со својот тим за поставувањето на најбрзиот круг на трката, за што се добива дополнителен паричен бонус. Кругот на Фетел од 1:18.785 остана најбрзиот за 0.107 секунди побрз од Холанѓанецот.

„Имаме мал бонус за најбрзиот круг, но мислам дека тоа треба да го смениме. Му порачав на инженерите да не му каже во никој случај дека Фетел го постави најбрзиот круг и му ги одзеде тие неколку евра“, додава Хорнер.

 

Scroll to Top