Top Sport

Нелсон Пике мора да плати огромна казна поради навредите кон Луис Хамилтон

Поранешниот троен светски шампион во Формула 1, Бразилецот Нелсон Пике (70) мора да плати отштета од 950.000 долари за расистички и хомофобични коментари против возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, одлучи бразилскиот суд.

Пике беше казнет откако употреби расна навреда за седумкратниот светски шампион во интервју во ноември 2021 година, коментирајќи ја несреќата на Хамилтон на Британското ГП со Макс Ферстапен.

Во друг клип што подоцна се појави, Пике употребил расистички и хомофобичен јазик против Хамилтон и кога опишувал како Хамилтон ја загубил светската титула во 2016 година од Нико Розберг. Пике, чија ќерка Кели е партнерка на Ферстапен, подоцна му се извини на британскиот возач и рече дека неговите коментари биле погрешно преведени.

Тужбата против легендарниот бразилски Формула 1 возач ја покренаа четири групи за човекови права, меѓу кои и Националната ЛГБТ+ федерација на Бразил. Во текот на кариерата, Пике трипати беше светски шампион (1981, 1983, 1987), а во шампионатот во Формула 1 стигна до 23 победи.

Scroll to Top