Макс Ферстапен и Луис Хамилтон, секако, имаа различно мислење за нивниот инцидент во 48. круг на Бразилското ГП минатата недела, откако Мерцедес побараа стјуардите повторно да ја разгледаат ситуацијата и да го казнат Ферстапен за „истуркување“ на ривалот од патеката.
Ферстапен, пред Катар ГП трката овој викенд, вели дека не се во градинка, туку во Формула 1, каде што има „цврсто тркање“.
„Видете, да беше ситуацијата обратна во Бразил, ќе се одвиваше исто така како што беше во неделата. Тоа е цврсто тркање. Се бориме за титула, не сме тука да бидеме во градинка“, изјави Ферстапен.
Хамилтон, пак, прво одговори со шега.
„Победив, така гледам на таа трка! Тоа беше тежок викенд со многу емоции, но стигнавме до целта. Не се предадовме и стигнавме до победата. Тешко е да оценуваш нешто кога не си ги видел сите агли, и секако сега имам поинакво мислење. Во моментов целата енергија ја фокусирам кон следната трка“, изјави Хамилтон.
Во исто време, стјуардите по четиричасовно разгледување на снимките и разговори со претставниците на Мерцедес и Ред бул, својата одлука ќе ја соопштат утре, јавува „Би-би-си“.