Петкратниот рели ВРЦ шампион, Французинот Себастиен Ожие потпиша нов договор со британскиот М-Спорт Форд тим, ставајќи крај на шпекулациите за можно повлекување од спортот.
Велшанецот Елфин Еванс, кој победи на домашното рели минатиот месец, исто така останува, додека Естонецот От Танак заминува во Тојота, и третиот возач ќе биде објавен дополнително.
„Фантастично е што конечно можеме да ги објавиме плановите за 2018. Тоа што го остваривме досега беше фантастично и сакам тоа да продолжи и да ја одбраниме титулата“, вели 33-годишниот Ожие.
Тој дојде во М-Спорт откако Фолксваген, компанијата со која ги освои првите четири титули во апсолутна доминација, се повлекоа од шампионатот и ја сменија стратегијата за рели-учеството по скапиот скандал со издувните гасови. Ожие во кариерата има победа на 40 рели-трки.
Ситроен се обиде да го земе Французинот, но неодамна француската компанија објави дека имале премал буџет да го привлечат најдобриот рели возач во последните пет години.