Top Sport

Перез на пол-позицијата во Џеда, Хамилтон ќе стартува од 16.место

Возачот на Ред Бул, Серхио Перез, прв пат во кариерата една трка ќе стартува од пол-позицијата. Мексиканецот, ги изненади конкурентите, со најбрзиот круг во пресрет на трката за Големата награда на Саудиска Арабија.

Перез, во последниот круг од третата квалификациска сесија, ја доби битката со возачите на Ферари. Мексиканецот во квалификациите го забележа најбрзото време 1:28.200 минути.

Перез за 25 илјадити делови од секундата беше побрз од Шарл Леклер (Ферари). Колегата на Леклер, Карлос Саинц траката ќе ја започне од третото место. Веднаш до него ќе стартува Макс Ферстапен.

Актуелниот првак се жалеше на гумите во третата квалификациска сесија.

Во третиот ред се Естебан Окон од Алпин и Џорџ Расел од Мерцедес. Најдобрите десет на стартот ги комплетираа Фернандо Алонсо (Алпин), Ватери Ботас (Алфа Ромео), Пјер Гасли (Алфа таури) и Кевин Магнусен (Хас).

Квалификациите во Џеда ги обележаа Луис Хамилтон и Мик Шумахер.

Синот на легендарниот Михаел Шумахер имаше страотен судир, го уништи болидот, за среќа тој од тој инцидент излезе без повреди.

Од друга страна Хамилтон, не успеа да влезе во втората сесоја. Британецот ќе стартува од 16.место. Последен пат Хамилтон не влегол во вториот круг, во 2017 година, но тогаш поради грешка и излетување од патеката.

Трката за Големата награда на Саудска Арабија утре ќе започне во 19 часот.

Scroll to Top