Top Sport

Перез: Не е лесно да си колега на Макс Ферстапен

Серхио „Чеко“ Перез признава дека „не е лесно“ да си колега на двократниот светски шампион, Макс Ферстапен, откако имаше повеќе разочарувачки трки оваа сезона.

Од стартот на партнерството во 2021 година, Мексиканецот има остварено пет победи, додека Ферстапен триумфираше на 35 и е на чекор до обезбедување на третата титула во низа. По две победи во првите четири трки изгледаше дека Чеко ќе му парира на Холанѓанецот, но имаше драстичен пад на формата и дури пет трки во низа не ги мина првите квалификации.

„Секако, многу е тешко да го имаш Макс како колега. Многумина не му го признаваат неговиот талент, неговата работа и неговата фокусираност. Тој е голем возач и одлично е да се мериш со него, бидејќи постојано те турка до максимум, нешто што создава притисок и стрест. Не е лесно да се справиш со тоа, но се обидувам да научам нешто. Да, мислам дека нема толку тежок колега во Ф1, бидејќи ако не си силен ментално, ќе биде тешко да се соземеш“, признава Перез пред Холандското ГП овој викенд.

Scroll to Top