Нелсон Пике Јуниор вели дека неговиот поранешен колега од Рено, Фернандо Алонсо останува меѓу најголемите ѕвезди во Формула 1, бидејќи него го води страста кон спортот, а не славата.
Бразилецот возеше покрај двократниот шампион во две неславни сезони во 2008 и 2009 година, одбележани со скандалот „Крешгејт“, кога поранешниот шеф на тимот, Флавио Бриаторе му нареди на Пике Јуниор да излета на Сингапур ГП трката за Алонсо да има шанси за победа. Пике Јуниор вели дека мотивацијата и талентот остануваат исти и по 10 години.
„Алонсо има силен карактер и сака сè, и навистина не знае да дели. Но, понекогаш големите возачи мора да бидат такви, а несомнено тој е голем возач. Веќе 10 години е една од најголемите ѕвезди во Формула 1. Сигурен сум дека ќе победи и на ’24 часа Ле Ман’“, вели Пике Јуниор во интервју за „Марка“.
Откако не успеа да направи име за себе во Формула 1, синот на ексшампионот Нелсон Пике сега настапува во Формула Е шампионатот.