Сега веќе поранешниот Ф1 возач, Никита Мазепин се приклучи на неговиот татко, милијардерот Дмитриј Мазепин на листата на санкционирани личности од Европската Унија, неколку дена откако беше отпуштен од американскиот Ф1 тим Хас.
Ова значи дека 22-годишниот Мазепин, дури и да го заддржеше место во тимот, немаше да може да настапува во трките во Европската Унија. Во објаснувањето на ЕУ се вели дека милијардерот Дмитриј Мазепин, роден во Белорусија, е „член на најблиското опкружување“ на рускиот претседател Владимир Путин, додека Никита Мазепин „е поврзан со водечки бизнисмен во сектори кои носат значителни приходи на владата на Руската Федерација“.
Постариот Мазепин најави организирање на посебна фондација со која ќе им се помогне на руските и белоруските спортисти кои се казнети од интернационалните федерации. Местото на Никита Мазепин во Хас веќе е пополнето со данскиот тркач, Кевин Магнусен.