Top Sport

Последниот танц на Себастијан Фетел

Четирикратниот Ф1 светски шампион Себастијан Фетел и официјално ја заврши кариерата. Тој на крајот на јули годинава објави дека се пензионира на крајот на сезоната.

dobivaj vesti na viber

Денеска во Абу Даби заврши на десеттото место, освои еден бод и беше избран за возач на денот во неговата последна трка во кариерата. Како што обично се случува, Фетел ги „изгоре гумите“ и се повлече со многу аплаузи и овации.

„Последните две години бев многу разочаран од моите спортски резултати, но бев исклучително среќен за се што ми се случи надвор од патеката. Многу сум привилегиран што имав можност да бидам тука и со тоа доаѓа и голема одговорност. Факелот им го предавам на помладите и среќен сум што можеме да влијаеме на луѓето и да пренесеме важни работи. Ви благодарам на сите за поддршката, пораките и писмата, сето тоа ќе ми недостига. Беше задоволство, благодарам“, изјави Фетел.

Фетел го држеше рекордот по бројот на победи во една сезона, имаше 13 триумфа во 2013. Сега рекордот му припаѓа на Макс Верстапен кој има 15 успеси оваа сезона.

Рекордот на Фетел од девет последовни победи во сезоната 2013 е сè уште недопирлив. Во 2011 година тој девет пати победуваше тргнувајќи од пол-позицијата, успех кој исто така е недостижен.

Scroll to Top