Пред домашното Британско ГП, големи потреси во вториот најуспешен тим во историјата на Ф1, Мекларен, откако тркачкиот директор Ерик Булие си поднесе оставка.
Овој чин доаѓа по трите катастрофални сезони со мотори на Хонда, по што во 2018 година, Мекларен вози со моторите на Рено, но без значителен скок во перформансите. На трката во Франција, двата болиди на Мекларен не ги поминаа ниту првите квалификации, а покрај тоа иднината на нивната ѕвезда Фернандо Алонсо е неизвесна.
Од друга страна, Хонда има многу подобри резултати со Торо росо, и веќе од следната година ќе биде снабдувач на главниот тим на Рено.
Булие, кој го надгледуваше лидерството на тркачкиот тим и одговараше директно пред генералниот директор Зек Браун, сега заминува од тимот.
„Горд сум што работев со брилијантен тим на луѓе во последните четири години, но мислам дека е вистинско време да си заминам. Сакам на сите во Мекларен да им посакам многу среќа до крајот на сезоната и во иднина“, изјави Булие.
По заминувањето на Французинот, поранешниот Индикар возач, Бразилецот Жил де Феран ќе биде нов спортски директор на тимот, Андреа Стела, долгогодишниот инженер на Фернандо Алонсо, ќе биде директор на перформанси, додека Сајмон Робертс ќе биде одговорен за инженерингот и логистиката.
Булие започна во Ф1 во 2010 како шеф на фабричкиот тим на Рено, кога ги предводеше до петтото место во генерален пласман, а остана и кога тимот се преименуваше како Лотус. По две одлични сезони во 2012 и 2013 кога Кими Раиконен победуваше и имаше шанси за титулата, Лотус имаа финансиски проблеми во 2014, а Булие замина на крајот на сезоната за Мекларен.
Фото: ЕПА