Top Sport

Пуленот на Роси, Морбидели со деби победа во Мизано, „Докторот“ загуби подиум во последниот круг

Франко Морбидели е победник на Сан Марино ГП трката во Мизано, за да ја продолжи необичната низа на стартот на Мото ГП шампионатот на дебитанти на првото место.

Ова е прва победа во Мото ГП за поранешниот Мото 2 шампион Морбидели, со што тој стана четвртиот возач кој првпат триумфирал оваа сезона и петти различни победник во само шест трки во отсуство на повредениот светски шампион Марк Маркез.

25-годишниот Морбидели, возач на Петронас Јамаха, имаше фантастичен старт и го заддржа првото место пред Франческо Бањаја и Жоан Мир, кој пак успеа во последниот круг да го помине ветеранот Валентино Роси и да спречи подиум број 200 во блескавата кариера на „Докторот“ и тоа на патеката која се наоѓа на десетина километри од неговиот роден град Тавулија.

Во неверојатната трка во генерален пласман, Андреа Довициозо во Дукати е изненадувачки нов лидер откако заврши на седмото место, бидејќи има 76 поени, само шест повеќе од досегашниот лидер Фабио Квартараро (Петронас Јамаха), кој двапати падна и не ја заврши трката. На третото место е Австралиецот Џек Милер со 63 поени.

Следниот викенд, Мото ГП асовите повторно ќе бидат во Мизано, овојпат во трката за ГН на Емилија Ромања.

Scroll to Top