Top Sport

Раиконен: Партнерството со Фетел е без „срања“

Кими Раиконен вели дека има добро партнерство со Себастијан Фетел во Ферари со тоа што „политиката и другите срања“ се надвор од тимот.

И Фетел постојано го фали својот фински колега и покрај шпекулациите дека Раиконен ќе биде заменет со Шарл Леклер од Заубер во 2019 година. Раиконен нема победа по враќањето во Скудерија во 2014 година, но оваа година е во подобра форма и низата од пет подиуми е негова најдобра по сезоната во која ја освои титулата (со Ферари) пред 11 години.

Италијанските медиуми шпекулираат дека тој е блиску до едногодишен договор со Ферари, во обид да се намалат бранувањата во тимот по ненадејната смрт на поранешниот шеф Серџо Маркионе, а самиот Раиконен вели дека тој не одлучува за тоа.

„Што мислам за пофалбите од Фетел? Па, подобро е отколку да кажува дека сум идиот. Всушност, тој и тоа го кажува, но поретко. Сериозно, секогаш сме се сложувале добро, бидејќи со него нема политика или други срања туку нормално пријателство. Себ е многу искрен и директен човек и покрај успехот. Исто така, тој е човек кој знае да признае грешка и јас сум сличен. Така се работи подобро, во убава атмосфера. Секако, сакам да останам, но тоа е одлука на Ферари. И јас чекам како вие“, вели Раиконен во интервју за „Спорт билд“.

Scroll to Top