Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел повторно влезе во битка со светскиот шампион Макс Ферстапен, оценувајќи дека „половина“ од актуелните возачи во Формула 1 би доминирале во спортот исто како Ферстапен.
Ферстапен денеска стартува од пол-позицијата на домашната ГП трка во Холандија, каде што ќе оди на деветта победа во низа, но 25-годишниот Британец не е импресиониран.
„Има 10 возачи кои ако ги ставите во Ред бул веднаш би се бореле за победи и за титула, исто како што беше случајот со Мерцедес во минатото. Сигурно е така. Знам дека Макс ужива во моментов. Но, тоа чувство, по 50. пат да победуваш без многу конкуренција последните 18 месеци мора да не носи голема радост. Дури и да стартува 10. или 15., сигурен сум дека лесно ќе победи“, вели Расел.
Ваквите коментари секогаш ги има во Формула 1, но во минатото не се покажувале како исправни – Серхио Перез има две победи оваа сезона во ист болид во споредба со 10-те на Ферстапен, а Валтери Ботас, човекот кого Расел го замени во Мерцедес, не успеваше да го сопре Хамилтон во четирите сезони со Мерцедес.