Тимот на Ред бул рејсинг побара Светската автомобилистичка федерација (ФИА) да ги забрани „забавните модови“ на моторите на Ф1 моторите за возачите да се квалификуваат и да стартуваат со иста конфигурација на моторот.
Ова доаѓа по случувањата на квалификациите на Австралиското ГП во Мелбурн, кога светскиот шампион Луис Хамилтон имаше значително поголеми перформанси во последните квалификации со користење на посебен мод на работа на моторот на Мерцедес, иако од тимот го демантираа тоа. Во Ред бул тврдат дека условите во Австралија го приморале Мерцедес да го користи „максимумот“ од своите мотори.
„Тие беа нервозни бидејќи Ботас се судри и одеднаш решија да го вклучат моторот на максимум. Ние тоа го нарекуваме ’мод за забава’. Тој нормално не им треба, но очигледно е дека се играат со сите нас. Прво само ние се жалевме, но сите велеа ’Ред бул постојано се жалат за нешто’. Но, по Австралија сите го мислат истото. Не треба да имаш мод за квалификации и мод за трки. Мора да го решиме ова“, вели советникот на Ред бул, Хелмут Марко.
Шефот на тимот, Кристијан Хорнер вели дека мора да има начин да се реши сегашната ситуација.
„Треба да имаме ист мотор цел викенд. Да се стави болидот во изолација по квалификациите и да го имате истиот мод на трката. ФИА мора да се активира“, вели Хорнер.
Фото: ЕПА
„Посебните“ модови на Мерцедес се удар во стомакот за Ф1 ривалите