Top Sport

Ред бул бараат одговори за „нелегалниот“ мотор на Ферари

Ривалските Ф1 тимови, предводени од Ред бул, бараат од Светската автомобилистичка федерација (ФИА) да даде одговори на сомнежите за легалноста на моторот на Ферари, откако италијанскиот клуб победи на последните две трки во Спа и Монца.

Шарл Леклер ги оствари своите први две победи во кариерата, во трки во кои супериорноста на моторот на Ферари беше очигледна.

„Во моментов, Рено, Хонда и ние сме на исто ниво, само Ферари се напред и тоа на сериозен начин“, изјави шефот на Мерцедес, Тото Волф за „Ауто мотор унд спорт“.

Постојат неколку теории за предноста на Ферари, од кои најзначајната е таа дека Ферари успева да генерира повеќе од дозволената моќ од батериите (акумулаторите). Друга теорија е дека моторот успева да сочува и потоа да го искористи дополнителното гориво, а уште една е дека моторот согорува повеќе гориво од дозволеното.

Шефот на Ред бул,Кристијан Хорнер открива дека неговиот тим неколку пати пратил барања до ФИА за „разјаснување на ситуацијата“.

„Веќе имаме пратено барање до ФИА, но засега нема никаков одговор“, вели Хорнер.

Еден анонимен член на Мерцедес пак за „Ауто мотор унд спорт“ призна: „Тие имаат направено нешто многу умно. Ако е легално, тогаш ќе мораме да им симнеме капа“.

Scroll to Top