Ред бул рејсинг можат да решат целосно да ја напуштат Формула 1 за да се обидат во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ) покрај партнерот Астон Мартин доколку најавуваните промени за 2021 година од сопствениците „Либерти медија“ не им одговараат, вели советникот на тимот, Хелмут Марко.
Во следните две сезони, Ред бул има склучено партнерство со Хонда по раскинот на долгогодишната соработка со Рено, но вкупната иднина на Ф1 по 2020 останува „мистериозна“. Шефот на „Либерти“, Чејс Кери не успеа да добие согласност од тимовите за нов Конкорд договор и акциите на Ф1 се во слободен пад.
„Имаме договор до 2020 година. Сѐ додека нема регулативи за моторите и Конкорд договор, ниту Ред бул, ниту Хонда, нема да направат одлука. Меѓутоа, ние сигурно нема да се ставиме во позиција да зависиме од некого, како во минатото кога ветувањата не беа исполните. Да се стопира е опција. Има други тркачки серии“, вели Марко.
Ред бул последните години работи со Астон Мартин на развој на тркачки автомобили, а на чело на проектот „Валкири“ е славниот инженер Адријан Њуи.
„Со Валкири, можеби Ле Ман е опција. Автомобилите се распродадоа веднаш, што за нас беше голем успех. Ако воведат ограничување на трошоците во Ф1, тогаш дел од вработените би можеле да одат на друг проект. Ќе видиме“, додава Австриецот.