Ред Бул забележа „еден-два“ победа на првата трка во новата сезона, Големата награда на Бахреин. Третото место му припадна на искусниот Фернандо Алонсо во Астон Мартин.
Формата и перформансите на Астон Мартин во текот на првиот викенд во сезоната, изненадија многумина, исклучок се Ред Бул, кои го обвинија „зелениот“ тим за плагијат.
Челникот на Ред Бул, Хелмут Марко, потсети дека во последните две години, неколку инженери од Ред Бул се преселија во Астон Мартин. Меѓу нив е и Ден Фалоус, поранешен шеф за аеродинамика и Ендрју Алеси, поранешен дизајнер во Ред Бул. Во Ред Бул е покрената истрага за можно протекување информации, се поставуваат некои прашања, а овие прашања јавно ги поставува и Марко, официјално советник на тимот и шеф за развој на возачи.
„Ако ги споредите автомобилите, ќе видите дека Астон Мартин има сличен болид како Ред Бул. Има причина за тоа. Таму не отиде само Фалоус, туку и некои други вработени и ми се чини дека меморијата добро ги служи“, рече Марко.
Тој тврди дека Астон Мартин има многу заедничко со болидите на неговиот тим, заклучувајќи дека знаењето на неговите поранешни вработени му помогнало на Алонсо да ја заврши првата трка веднаш зад Макс Верстапен и Серхио Перез.
На оваа тема проговори и првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер, тој со доза на сарказам рече дека Астон Мартин добро си ја завршил работата.
„Велат дека копирањето е најголемата форма на ласкање. Многу е добро да се види нашиот стар автомобил како работи толку добро“, додаде тој.
Засега, ФИА тврди дека нема ништо спорно за почетниот успех на Астон Мартин.